|
СЕПТЕМВРИ Подготвено од Иван Додевски (студент на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и соработник на АПИЦЕНТАР). Во овој месец пчелната паша е видно намалена и како резултат на тоа матицата може да намали или престане со несење на јајца, заради тоа неопходно е стимулативно прихранување на пчелите ( 200-300 мл.) со шеќерен сируп секој ден или секој втор ден. Потребно е и крајно време за третман со некое од средствата кои ги користите против крлежот.
Пчелите почнуваат да се
реорганизираат и да го формираат местото на нивното клубе во зима,
пчеларот треба да процени колку храна има во пчелното друштво.
Рамките треба да се богати со медни венци, а рамките на крајот од
леглото треба да се полни со мед и полен од двете страни .
Доколку нема доволно храна за презимување и пролетен развој потребно е да се додаде рамки со мед или пчелите да се прихрануваат со поголемо количество шеќерен сируп, кој би било пожелно да биде инвертиран заради помало истоштување на пчелите кои ќе влезат во зимување.
Крајно време е да се спојат слабите друштва со средни или јаки пчелни друштва кои полесно ќе презимат. Поради немањето храна во природата и немоќта да се одбранат, слабите друштва се лесно подложни на грабежи. Исто така треба да ги заштитиме пчелите од оси и стршени кои се најагресивни во овој месец, а тоа го правиме со поставување на стапици. Потребно е стеснување на влезовите и обезбедување соодветна вентилација. Дотолку некоја од кошниците е стара, распукана и непогодна за зимување, пчеларот треба да ја замени со здрава и дезинфицирана, а ова се работи наутро или пред стемнување поради ризикот од грабежи. |