МАРТ 

Во март посебно внимание треба да се обрати на извршување на следниве работи:

  • одзимување на пчелните семејства,

  • прв детален пролетен преглед,

  • санирање на пчелните семејства и

  • интензивно прехранување.

Одзимувањето на пчелните семејства треба да се врши постепено, според климатските услови, зошто во овај месец може да бидат многу убави, топли и сончеви денови, но може да бидат и врнежливи и доста ладни денови. Леглото во овој период може да биде доста развиено, па затоа потребно е да се внимава на затоплувачкиот материјал кој не треба прерано да се отстранува. Ова е многу важно бидејќи во овој период површината на легло е голема, а бројот на пчелите е многу мал.

Прв детален пролетен преглед

Се практикува првиот пролетен преглед и делимичното одзимување на пчелните семејства да се изврши истовремено. За оваа работа треба  да се избере, сончев, тивок и топол ден, кога температурата надвор од кошницата се движи околу 18˚С, а тоа се познава по големиот лет на пчелите од кошницата. Најдобро е оваа работа да се направи измеѓу 11 и 14 часот.

Пред почетокот на прегледот, треба да се извршат потребните припреми: да се спрема дималка и согорувачки материјал, американскиот нож, свеж затоплувачки материјал за евентуална замена за стариот, сандаче за преглед, евиденциските листови во кои се носат запазувања за секоја кошница посебно итн.

Прегледот треба да се врши внимателно и брзо за кошницата да не биде отворена долго време, водеќи сметка да не се предизвика грабеж.

Со прегледот истовремено се врши одзимување, чистење на кошницата и утврдување за состојбата во пчелното семејство. Посебно внимание треба да се обрати на тоа: дали е семејството здраво, дали има матица и со каков квалитет, јачина на семејството, колкави се количините за мед, дали сотовите се стари и др.

Кога ќе се заврши одзимувањето, прегледот и чистењето на една кошница во евиденцискиот лист се внесуваат сите податоци, за да може после завршениот преглед на сите друштва да се превземат потребните мерки  за секоја кошница посебно.

Санирање на пчелните семејства

Кога нема легло кај некои семејства, значи дека нема ни матица, а ако има, значи дека е онеспособена да несе јајца. Исто така, кога има легло многу малку  и ако е тоа прошарано така да во неколку ќелии има легло, а во повеќе ќелии нема и така наизменично, значи дека матицата е во лоша состојба. Тогаш потребно е, доколку се располага во резерва, да се додадат млади, здрави и плодни матици. Меѓутоа, ако ја немаме во резерва, а не можеме да ја набавиме, тогаш таквите семејства треба да ги споеме, односно да ги додадеме кај оние друштва каде што има млада, здрава и плодна патица.

Оние семејства кои преку зимата многу ослабеле така да имаат сосема малку пчели, треба исто така да ги додадеме на јаки. Доколку се примети дека некое семејство е болно, треба веднаш да се превземат потребните мерки, спрема врстата на болеста.

Прихранување

За да се развијат пчелните семејства до главната паша и да бидат толку јаки да можат да остварат висок принос на мед, треба да се превземат низа мерки во кои прихранување има посебно значење. Ова прихранување во март треба да се врши обавезно, без обзир дали во кошницата има доволно резерви на храна или нема. Со додавање секоја вечер 100 до 200 грама шеќерен сируп по семејство, за да се поттикне матицата побрзо да положува јајца па со тоа и семејството брзо да се развива. Ако и потреба за храна во кошницата може секоја трета вечер да се додаваат 400 до 800 грама шеќерен сируп. Ако во кошницата има доволно мед, наместо стимулативно прихранување, може повремено на секои 3 до 5 дена рамките со мед да се отворат восочните поклопци со површина еднаква на површината  на половина од човечката дланка.

Стимулативното прихранување,  се врши се додека не се постигне посакуваниот развој на семејствата, односно додека внесот на нектарот не биде задоволувачки така да тој внес ја стимулира матицата да положува поголем број на јајца. При ова прихранување, строго се води сметка да не дојде до грабеж.

Ако во кошницата нема доволно цветен прашок, што во некои години се дешава посебно во почетокот на март треба да се додаде замена за цветниот прашок.

Во месец март може да настапат суви и ветровити периоди па затоа треба обавезно да се активира поило на пчеларникот.

Вентилацијата на кошниците треба да се провери и регулира за да функционира добро, зошто животните процеси се забрзани кај пчелните семејства и се создаваат во кошниците поголема количина на влага и јаглендиоксид, што може и многу  да смета на работата и развојот на пчелните семејства.         

Овој текст е подготвен во соработка со Томе Ангеловски, студент на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.