ФЕВРУАРИ

Месецот февруари во години со нормални климатски услови е сe уште студен, а се случува во тој месец да има студени денови со поголеми ветрови отколку во декември и во јануари. Затоа негата на пчелните друштва треба да продолжи на истиот начин како и во декември и јануари. Меѓутоа, укажуваме на некои од најзначајните разлики.

Во февруари деновите стануваат сe подолги, а ноќите пократки. Освен тоа, промените во температурата во февруари често може да бидат големи, така што има денови со 10 целзиусови степени под нулата или денови со 10 и 15 и повеќе степени над нулата. Исто така, може да има големи разлики во висината меѓу дневната и ноќната температура. Преку ден, кога времето е тивко, мирно и сончево, температурата може да биде доста висока, а потоа, во текот на ноќта да биде многу ниска. Должината на денот и зголемувањето на температурата обично влијаат врз пчелното друштво да почне побрзо да се развива.

Но, поради можните чести магли и големи промени во висината на температурата, а што многу негативно влијае врз развојот на пчелното легло (пило), треба да се спречува премногу забрзаниот развој на леглото.

 Прихранување на пчелите

Во овој месец резервната храна кај некои пчелни друштва може да привршува, па треба да се внимава неко друштво да не остане без храна, зашто во тој случај брзо би пцовисало. Особено внимание треба да се посвети на резервите цветен прав, без што пчелното друштво може да живее, но леглото воопшто не може да се развива.

Укажуваме дека, поради засилените животни процеси во овој месец, пчелните друштва трошат значително повеќе храна отколку во претходниот период.

Треба строго да се води сметка, при прихранувањето, пчелните друштва да не застудат (да не се разладат). Затоа препорачуваме пчелните друштва во текот на постудените денови да се прихрануваат со шеќерни „колачиња“ или со погачи набавени од регистрирани производители, а кога времето ќе затопли, тогаш прихранувањето може да се врши и со шеќерен сируп, зашто тој начин на прихранување е значително поефикасен.

Добро е, по потреба, на пчелните друштва  да им се додава и цветен прав – ако го имаме, а ако немаме, се додава замена за цветен прав, која може да се состави од три дела обезмастено соино брашно, еден дел обезмастено млеко во прав или пивски квасец во прав. Се разбира, доколку во кошницата има доволно цветен прав за нормален развој на пчелното друштво, во периодот додека не стигне новата паша, тогаш нема потреба да се додава цветен прав или негова замена.

Поради засилените животни процеси кај пчелните друштва во овој период, во кошниците се појавува поголемо количество водена пареа и јаглероден диоксид. Бидејќи кошниците сe уште се затоплени, а и воздухот во тој период надвор од кошницата е во прилична мера заситен со водена пареа, тоа уште повеќе го зголемува задржувањето на водената пареа во кошницата. Тоа може да предизвика појава на мувла на восочните пити и значително да ја промени микроклимата во кошницата, а со тоа и да ја  наруши нормалната работа на пчелните друштва. За да не дојде до тоа, треба навремено да се проширува вентилацијата на кошницата, а кога ќе се појави некој убав, сончев и топол ден, материјалот за затоплување треба да се проветри, а ако премногу се навлажил, тогаш треба да се замени со сув и чист, а за тоа е најсоодветна новинската хартија, бидејќи е добар изолатор и добро ја впива влагата.

Овој текст е подготвен во соработка со Данило Кецојевиќ, студент на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.